Ристовски: Наша обврска е да се грижиме за заштеда на водата
Понеделник, 13. Февруари 2017

Ристовски: Наша обврска е да се грижиме за заштеда на водата

Ристовски е дипломиран електроинженер, со специјализација во управување со водни ресурси и услуги во водоводните претпријатија, меѓународен експерт за неприходна вода во водоводните системи и сопственик на компанијата Аквасеив

1.Управувате со компанија чија главна заложба е заштеда на вода. Накратко, објаснете што значи културата на штедење вода?

Да, токму Аквасеив како компанија обезбедува специјалистички консултантски услуги за  контрола на загуба на вода, користејќи методологии и техники за намалување на тие загуби. Тоа вклучува откривање на истекувања, лоцирање траса на цевки, мониторинг и анализа на потрошувачката на вода и управување со притисок.

Универзалната применливост на водата, од една страна и неодговорното однесување кон неа, од друга страна, доведува до континуирано намалување на залихите на вода. За жал, кога водата ја имаме во изобилство, не размислуваме за нејзината огромна вредност и важност.

Да се биде ефикасен со водата значи да се земе в предвид секоја капка. Иако сме далеку од она што се нарекува примена на т.н. „култура на штедење вода“, задоволен сум што добивам информации дека, сепак, се случуваат низа активности, проекти и иницијативи на тема „ефикасно и продуктивно користење на водата во индустријата, во домаќинствата, училиштата и институциите“ за да се подигне еколошката свест за рационална употреба на водата. Културата на штедење вода, всушност, e навика, секојдневна практика на грижа за водениот ресурс, која се воспоставува уште од мали нозе.

2. Зошто е важно да се штеди водата? И се разбира, како да дојдеме до заштеда?

Прашањето за обезбедување здрава и хигиенски исправна вода за пиење е сé поактуелно во светот, пред сѐ, во смисла на нејзино порационално користење. Таа задача станува се потешка поради ограниченостa на водните ресурси, климатските промени и сé поизразените сушни периоди, а трошоците  за производство и дистрибуција на вода стануваат се поголеми. Со намалување на загубите на вода во водоводните системи, како и нерационалната потрошувачка на вода, се доаѓа до значајни количини со кои може да се задоволат моменталните побарувања за вода без поголеми инвестициони вложувања.

Најбезболниот начин за надминување на овој проблем, од технички и економски аспект, се покажа дека е намалување на загубите на вода во водоводните системи. Како? За намалување на загубите на вода постојат четири основни методологии препорачани од Меѓународната Асоцијација за води/Специјализираната група за загуби на вода: Активна контрола на загуби на вода (подразбира мониторинг на потрошувачката, дефинирање на минималниот ноќен проток, локација на дефектите и нивна санација), Намалување и стабилизирање на работниот притисок во мрежа (со што се намалува истечената количина вода од постојните дефекти без да се изврши нивна санација), Рехабилитација на водоводните мрежи (најефикасна, но во исто време и најскапа мерка), како и Брзината на осознавање, лоцирање и санирање на постојните дефекти. Во однос на заштедата на вода кај комерцијалните субјекти, институциите и домаќинствата, освен со лоцирање и санација на скриените дефекти, дополнително може да се заштеди вода и со инсталирање уреди за заштеда на вода, кои се поставуваат на постојните чешми и казанчиња.

3. Се грижат ли комуналните претпријатија, компаниите, институциите и домаќинствата да ја штедат водата?

Македонија е држава со задоволителни количини водно богатство со кое постојано се фалиме, а во исто време, безобзирно и го расфрламе. Со оглед на моето над 20-годишно искуство во областа на заштеда на водата и постојано присуство во регионот и пошироко, слободно велам дека, во последно време, се забележува зголемување на свеста за постоење на исклучително сериозниот проблем со неприходната вода кај раководствата на комуналните претпријатија и општините, но исто така и сé поголемиот интерес на меѓународните асоцијации и донатори за финасирање вакви проекти.

Но, исто така, мора да кажам дека кога говориме за Македонија, проблемот со неприходната вода во водоснабдителните системи е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат комуналните претпријатија и Општините. Податокот за количината на неприходна вода од 50-60% во просек од произведената и внесена вода во водоснабдителните системи во Македонија е алармантен и јасно укажува дека се неопходни итни мерки и донесување на стратегија за намалување на неприходната вода на државно ниво. Генерално, комуналните претпријатија се запознаени со големината на проблемот, но сé уште немаат проактивен пристап кон нивно намалување и инвестиции поврзани со тоа.

Во однос на комерцијалните корисници на услуги и покрај тоа што сé повеќе индустриски капацитети покажуваат интерес и зголемена свест за намалување на потрошената количина вода и побарување на услугите за испитување на исправноста на нивните водоснабдителни системи, сепак сé уште постојат компании со значително голема потрошувачка на вода која не соодејствува со нивната реална потрошувачка, без соодветен и исправен пристап кон преземање активности за нејзино намалување и доведување до ниво само на сопствената потрошувачка на вода. 

4. Како компанија вршите откривање на дефекти во водоводната мрежа? Како?

Како компанија посветена на зачувување на водните ресурси обезбедуваме услуги фокусирани на испитување и точно одредување на истекувањата во цевки под притисок, одредување траса на цевките, мерење на проток и притисок и спроведување проекти за намалување на загубите на вода во водоснабдителните системи. Аквасеив развива и нуди решенија според најдобрите светски практики и стандардизираната методологија пропишана од страна на Меѓународната Асоцијација за води – IWA/Специјалистичка група за загуби на вода. Користиме најсофистицирани уреди за третман на загубите на вода и нивно доведување до прифатливи граници.

5. Вашата специјалност, но и на компанијата, е управување со неприходна вода. Што значи овој термин?

Загубата на вода, всушност, технички се дефинира како Неприходна вода, која претставува разлика меѓу внесената количина вода во системот (производство) и фактурираната вода. Неприходната вода е збир од техничка загуба на вода (дефекти на магистралните и дистрибутивни цевководи, дефекти на приклучните цевки и дефекти на споевите и арматурите), но и на комерцијалните загуби (илегални и нерегистрирани приклучоци, нерегистрирана количина вода поради неисправни водомери, злоупотреба на хидранти, злоупотреба на чешми во заеднички простории на колективни стамбени згради), како и на комуналната потрошувачка - нефактурирана легална потрошувачка (истекување на вода кај јавните чешми, фонтани и слично, користење вода за полевање зелени површини, миење на јавните површини и користење на водата од противпожарните служби, сопствената потрошувачка на комуналните претпријатија која свесно не се фактурира).

6. Во вашето корпоративно портфолио набројувајте многу компании и институции со кои сте работеле. Може ли да наведете практичен пример на успешно решена ситуација или предизвик?

Секако. Како последно и свежо искуство со кое остваривме голем успех како тим во полза на клиентот, но и за нас како компанија во поглед на стручноста, е работата во фабриката за цемент ТИТАН Antea од Албанија. Тимот на Аквасеив беше ангажиран за испитување на исправноста на различни водоводни системи (противпожарна заштита, санитарна вода, процесна вода, циркулациона вода - довод и поврат), после неуспешниот обид од страна на локална фирма. Успеавме, во период од неколку дена, да лоцираме неколку дефекти на различни водоводни системи и да оствариме значителна заштеда за нашиот клиент од Албанија. Како резултат на тие активности, склучивме договор со компанијата за неколкукратно годишно испитување на севкупната мрежа како ексклузивен добавувач на вакви услуги.

7. Работите и на реализација на европски проекти во неколку држави во регионот. Ве молам за компарација на односот на нашите граѓани и на граѓаните на другите држави кон водата? Дали постои свест и совест за штедење на водата?

Аквасеив, како единствена приватна компанија во Македонија и пошироко во регионот, со соодветни технички и човечки ресурси за третирање на загубите на вода, е постојано ангажирана во различни проекти во Македонија, Косово и Албанија. Би ги издвоил ангажманот како регионален консултант за Македонија и Косово во рамки на проектот “Намалување на непроходната вода во Југоисточна Европа”, имплементирана од GIZ, преку Отворениот регионален фонд за модернизација на општинските услуги во Југоисточна Европа. Во Албанија, бевме ангажирани за теоретска и практична обука на техничкиот персонал на комуналното претпријатие во Поградец, Албанија (UK Pogradec) и изработка и имплементирање на детална програма за мониторинг и приоритизација на деловите со зголемена загуба на вода и активности за точно одредување на дефекти на водоводната мрежа, како дел од проектот “Консултантски услуги во областа на заштита на животната средина на Охридското езеро, Фаза 3” од Германската финансиска соработка со Албанија.

Моментално, Аквасеив е ангажирана во рамки на проектот “Реформа во системот за водоснабдување, одведување и третман на отпадните води на локално ниво”, финансиски поддржан од Европската Унија и имплементиран од шпанската консултантска фирма Eptisa, во процесот на подобрување на точноста на Билансот на вода кај 12 комунални претпријатија преку хидраулички мерења на протокот и притисокот.

Проблемот со неприходната вода не е само присутен во Македонија. Тоа е проблем со кој се соочуваат практично сите земји во светот. Но, мора да признаам дека во регионот, за разлика од Македонија, е зголемена свесноста за постоењето и последиците од зголемената неприходна вода. Нашата земја сé уште нема вклучено црвено светло и превземено соодветни мерки. Сепак, работите се движат во позитивна насока, особено преку имплементација на три проекти подржани од ЕУ во однос на реформи на локално и централно ниво, со кој се очекува трасирање пат кон извршување на водните услуги од страна на комуналните претпријатија на поефикасен начин и добивање тарифи кои ќе овозможат одржливост на комуналните претпријатија и одредени инвестициски зафати, кои ќе овозможат поквалитено водоснабдување за крајниот корисник.    

8. Зошто е важно намалувањето на загубите на вода и нејзиното штедење?

Губитокот на вода, не само што ги зголемува оперативните трошоци на претпријатијата, туку може да доведе и до проблеми во редовното водоснабдување на населението од градовите. Со намалување на загубите на вода во водоводните системи и со нерационалната потрошувачка на вода, се доаѓа до значајни количини вода со кои може да се задоволат моменталните побарувања за вода (и притоа да се зголеми наплатата и приходот на претпријатијата) без поголеми инвестициони вложувања. И од друга страна, да се намалат оперативните и годишни трошоци и одложат капиталните инвестиции во добивање нови количини вода. Во однос на комерцијалните субјекти, институции и домаќинства, откривањето на скриените дефекти во интерните водоснабдителни системи доведува до значително намалување на потрошената количина вода, а тоа подразбира помали сметки за вода и заштеда на пари. Дополнително, на тој начин е елиминирана можноста од појава на хаварии и настанување штета по имотот на компаниите и домаќинствата.

Medco prescription drug liste http://apotekudenrecept.com/ problemer med universel sundhedspleje