Стипендии од ЕЛЕМ, ЕВН и МЕПСО за 14 студенти на ФЕИТ
Среда, 19. Октомври 2016

Стипендии од ЕЛЕМ, ЕВН и МЕПСО за 14 студенти на ФЕИТ

Четиринаесет студенти од прва година на електроенергетските насоки на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) кои ја завршиле годината со просек над 8 денеска добија стипендии од енергетските компании АД ЕЛЕМ, ЕВН Македонија и АД МЕПСО.

Стипендиите се со месечен износ од по 6.000 денари, а ќе може да ги користат до крај на студирањето доколку го задржат сегашниот просек. 

Раководствата на енергетските компании и на ФЕИТ на доделувањето на стипендиите истакнаа дека ваквата воспоставена соработка придонела за поголем интерес за студирање на електроенергетските насоки, како и за ангажирање во компаниите.

- Ако до пред пет години имавме по 30 студенти кои се запишуваа на енергетските насоки, сега таа бројка достигнува и до 150. Тоа се студенти кои се најдобрите во својата генерација. Компаниите го најдоа својот интерес со тоа што уште на самиот почеток ги избираат најдобрите, пред конкуренцијата, изјави Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ.

Според Ташковски, компаниите со стипендирањето на студентите заедно со нивните професори и ментори профилираат кадар каков што им е потребен кој е подготвен веднаш за работа. 

Ненад Јовановски, генерален директор на АД МЕПСО, истакна дека стипендистите се идните инженери кои ќе ја надградуваат преносната мрежа, дистрибутивните системи и постројките за производство на електрична енергија. АД МЕПСО и годинава доделува пет стипендии за студентите на ФЕИТ.

- Ќе ги охрабриме студентите да покажат добар резултат и она на што работиме е да ги задржиме и да ги вработиме во нашата компанија, изјави Јовановски, посочувајќи дека практикантите од ФЕИТ учат од експертите на АД МЕПСО и по дипломирањето се подготвени да одговорат на работните обврски доколку бидат ангажирани. 

Според Игор Гиевски, член на Управниот одбор на ЕВН Македонија, продолжувањето на традиционалната соработка со ФЕИТ е значајна и за студентите и за компанијата.

- Доделуваме стипендии на нова генерација студенти на кои се надевам дека ќе им помогнеме да се снајдат најпрво во општеството, а потоа и да го пронајдат своето место во енергетскиот сектор. Ова е дел од нашата развојна стратегија, а со тоа и за развој на енергетскиот сектор, изјави Гиевски, дополнувајќи дека досега 30-ина студенти добиле стипендии од оваа компанија, а 10-ина од нив се вработени. 

Христијан Мицковски, генерален директор на АД ЕЛЕМ, рече дека доделувањето стипендии за оваа компанија претставува одлична можност да се види со потенцијалните кадри кои во иднина можат својата професионална кариера да ја надградуваат во работното портфолио на АД ЕЛЕМ. 

- Ова е голем ден за АД Електрани на Македонија бидејќи вложувајќи во овие потенцијални кадри кои професионално ќе се надградуваат во нашата компанија вложуваат и во сопствената иднина, но вложуваат и во иднината на државата, изјави Мицковски.

Medco prescription drug liste http://apotekudenrecept.com/ problemer med universel sundhedspleje