Центарот за јавно здравје во Струмица се опремува со комора со која ќе прави брза анализа на земените тестови за Ковид – 19 во својата лабораторија. Ова практично ќе значи дека примероците за тестирање нема да се праќаат во акредитираните лаборатории во Скопје, туку лабораторијата во Струмица самостојно ќе може да изработи околу 100.000 тестирања за целиот регион. Набавката на комората е донација од Еуромакс ресоурцес, меѓународната компанија која го развива проектот за рударскиот мега-комплекс Иловица – Штука.
Центарот за јавно здравје Струмица е една од најстарите здравствени институции во земјава која ги опслужува жителите на општините Струмица, Валандово, Босилово, Василево, Ново Село и околните села. Според директорот на Центарот, Петре Витанов донацијата ќе овозможи значајно да се скрати времето на чекање на резултатите од земените брисеви.