Skip to main content

Расте улогата на односите со јавност во управување со компаниите

Односите со јавноста играат многу значајна улога во управување со секоја компанија и нивната улога ќе продолжи да се зголемува и на македонскиот пазар. Едномесечното истражување „Перцепција за ПР консултантите и нивната деловна улога“, организирано по повод 10-години од постоењето на Чептер 4 мрежата во Југо-источна Европа, покажа дека 83,3 отсто од професионалците кои работат во компании (корпоративен сектор), во агенции за комуникација и односи со јавноста или како фриленс советници од земјава, ја препознаваат важноста за односите со јавност. За 11,1% од испитаниците токму оваа улога на ПР – от е најзначајна во секоја компанија.

Истражувањето „Перцепција за ПР консултантите и нивната деловна улога“ беше реализирано со поддршка на медиумскиот партнер Маркетинг365.мк.

Придонесот на комуникациите во бизнисите, според повеќе од 46 отсто од испитаниците, е пораснат во последниве 10 години. За 39 отсто, од нив комуникациите многу придонесуваат во развојот на бизнисите. Оваа улога на ПР-от се очекува да расте и во иднина. И тоа повеќе од 70 отсто од испитаниците очекуваат улогата на ПР-от да расте и според важност и во големина. Само 24% одговориле со „можеби“ на прашањето „Oчекувате ли улогата да расте по важност и големина во иднина?“.

Општ впечаток е дека јавноста што се вклучила во испитувањето го препознава успехот на ПР комуникациите и влијанието кое може да го имаат во деловниот свет и неговиот развој. И не само надворешната комуникација на бизнисот со јавноста, туку и интерната, во самата компанија. За 57,4% од испитаниците важноста на надворешната и внатрешната комуникација е зголемена во однос на порано. За половина од нив, технологијата придонесува кон зголемување на улогата на професионалците во односите со јавноста. И токму тоа и влијае на промената на самата улогата на ПР-от последната декада. Речиси 43% од испитаниците сметаат дека ПР-от ја разбира интегрираната комуникација и придонесува многу, а за 39 проценти консултантските ПР услуги/комуникацијата прераснува во функција на менаџментот.

Врз база на искуството на испитаниците, односите со јавноста имаат најважна улога при промоција и видливост на компанијата, брендот, производот или тимот во медиумите (77,8%), потоа при планирање на стратегиските комуникации (63%), при ублажување на ризикот и комуникацијата во кризи (59,3%) и при советување на менаџментот на компанијата или институцијата. 

Дека улогата на ПР-от при управување со ризици, спречување и надминување на кризни ситуации многу е значајна потврдуваат околу 66,6% од испитаниците. За останатите 30-тина проценти, односите со јавноста ја имаат најзначајната улога при управување со ризиците и стресни ситуации.

Комуникацијата најмногу придонесува кон деловниот успех поради односите со засегнатите страни и позитивната репутација, потоа преку целната комуникација и општествената одговорност, стратешкото бизнис планирање, како и внатрешната комуникација, тимски дух и ефикасноста во работењето.

Испитаниците очекуваат ПР професионалецот или Агенцијата да имаат компетентен пристап во однос на давањестратешки совети и консултантски услуги за комуникација (64,8%), одлични односи со медиумите и инфлуенсерите при ублажување на ризик и комуникација во кризи (37%) и при односи со засегнати страни (30%).

Она што оваа јавност го очекува е развој на дигиталните комуникации. Односно, професионалците во односите со јавноста очекуваат дигиталните медиуми (53,7%) да го добијат приматот во комуникацијата со јавностите во наредните години. Потоа, според нив, се очекува раст и кај менаџментот на репутацијата (42% од испитаниците). Консултантството и професионалното советување (35,2%) и корпоративната комуникација и односите со засегнатите страни (35,2%) се области кај кои се очекува раст во наредните години.